Работодавачите кои имаат до 25 вработени задолжително спроведуваат евиденција со евидентен лист, додека тие со над 25 вработени спроведуваат електронска евиденција согласно Правилник на министерот за труд и социјална политика.
- Дали може да се одземе дел од плата за непочитување на работно време?
Согласно Законот за работните односи, платата се состои од основна плата, дел од плата за работна успешност ( се определува земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за којашто работникот го склучил договорот за вработување) и додатоци на плата ( за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, работа на дежурство, согласно закон, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж).
Имајќи го предвид наведеното, не може да се одзема дел од плата за редовност, затоа што редовноста влегува во основната плата.
- Како да се регулира непочитувањето на работното време?
Препорака за регулирање на непочитувањето на работното време е усвојување на интерен правилник на работодавачот, во кој ќе се утврди начин ,постапка и висина на казна во случај на непочитување на работно време.
- Како може да се распореди работното време?
Полното работно време согласно ЗРО е 40 часа неделно, а работната недела по правило трае 5 работни дена, но работното време може да биде распоредено и на 6 работни дена, а најмалку 4 работни дена, со вкупно времетраење од 40 часови неделно. Се над 40 часа неделно се смета за прекувремена работа.
- Дали може да се врши прераспределба на работното време?
Во зависност од барањата на процесот на работа, работодавачот може да врши прераспределба на работното време.Согласно одредбите од член 124 од ЗРО, кога природата на дејноста, односно работите и задаќите наложуваат поинакво работно време, работодавачот врши прераспределба на работното време на тој начин што работникот може да врши работа во одделни денови повеќе од 8 часа дневно, а во други денови помалку од 8 часа дневно, но вкупното време на работникот во просек да не биде подолго од 40 часа во работната недела во текот на годината. Тоа значи дека работното време кое е подолго од 40 часа во работната недела се засметува и надоместува во пократко работно време во други работни денови или со слободни работни денови за времетраењето на договорот за вработување. Прераспределените работни часови не се сметаат како прекувремена работа за која се исплаќа додаток на плата. Ова поради фактот дека работникот може во одделни денови да работи и пократко од полното дневно работно време (а при тоа не му се намалува платата за тие денови), а во други подолго (за кои не му следува додаток на плата). Работодавачот мора во писмена форма да го извести работникот за временото прераспоредување на работното време најмалку еден ден пред тоа.
- За кои категории на лица е забранета работа со прераспределени работни часови?
Со ЗРО забранета е работа со прераспределени работни часови на:
-помлад работник;
-работник ‐ инвалидно лице;
-бремена работничка;
-работник кој постојано се грижи за дете до три годишна возраст;
-работник – самохран родител кој постојано се грижи за дете помладо од годишна возраст.
- Дали и каде се евидентира прераспределеното работно време?
Прераспределеното работно време се евидентира во соодветната евиденција на правното лице (електронска или хартиена), а ќе биде поткрепено со известувањето во писмена форма на работодавачот.
