На ден 09.08.2022 година стапи во сила новиот Закон за вршење на сметководствени работи, објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 173/2022 година.
Според предлагачот, причината за донесување на нов Закон за вршење на сметководствени работи е потребата за доуредување на определени прашања поврзани со организацијата на Институтот, континуираното професионално усовршување, контролата на работењето, надзорот над работењето на Институтот, како и за воведување на стручен испит за влез во сметководствената професија. Дополнителна причина се истечените мандати на органите и комисиите на Институтот, поради што се јавила потреба од уредување на начинот на избор на новиот состав на органите и комисиите на Институтот.
Согласно одредбите на претходниот Закон за вршење на сметководствени работи надзор на одредбите на законот и надзор над Институтот за сметководители и овластени сметководители вршеше Министерството за финансии. Со новиот закон, со цел воведување на надзор над сметководствената професија од самостојно и независно тело, се утврдува воспоставување на Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на Република Северна Македонија како независно регулаторно тело со јавни овластувања.
Основните прашања кои се уредуваат со новиот закон се во насока на :
– дефинирање на Институтот како правно лице со јавни овластувања,
– доуредување на работењето на Институтот во делот на надлежностите, составот, мандатот на органите и комисиите и престанување на членството во истите, како и висината на надоместоците на органите и комисиите на Институтот. Исто така, заради обезбедување на инклузивност и транспарентност во работењето, работите на Институтот ќе се извршуваат преку електронски систем на Институтот;
– се овозможува влез во сметководствената професија со полагање на испит за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител;
-заради унапредување и надзор на сметководствената професија се формира Совет за унапредување и надзор навсметководствената професија, кој ќе биде надлежен орган за надзорот над работата на Институтот и давањето согласност навактите на Институтот;
-унапредување на постојниот концепт на континуираното професионално усовршување, преку воведување на нови облици на континуирано професионално усовршување;
-доуредување на решенијата во врска со бришењето од регистрите на Институтот;
-доуредување на решенијата во врска со дисциплинската постапка и дисциплинските мерки;
– доуредување на одредбите во врска со контролата на квалитет која ја спроведува Институтот во насока на допрецизирање на опфатот на контролата на квалитет, уредување на начинот на нејзино вршење и дефинирање на контролни мерки кои можат да им се изречат на субјектите на контрола.
Физичките лица кои сакаат да стекнат уверение за сметководител, односно уверение за овластен сметководител согласно начините уредени со Законот ќе имаат обврска за плаќање на: надоместок за полагање на испитот за добивање уверение за сметководител, односно уверение за овластен сметководител, надоместок за издавање уверенија за овластен сметководител без полагање испит, надоместок за спроведување на постапката за признавање на професионална квалификација за сметководител или овластен сметководител стекната во странство.
Членовите на Институтот ќе плаќаатгодишна членарина. Исто така, се предлагаат и еднократни надоместоци за: упис во и бришење од Регистар на неактивни сметководители, односно Регистар заннеактивни овластени сметководители, упис во и бришење од регистар на лица кои вршат сметководствени работи, без право за потпишување на годишни сметки и/или финансиски извештаи и за полагање тест за повторен упис во Регистар на сметководители, односно Регистар на овластени сметководители.
Правните лица и трговците поединци ќе имаат обврска да плаќаат надоместок поврзан со издавање на лиценци за работа на трговец поединец – сметководител, трговец поединец – овластен сметководител и друштво за вршење на сметководствени работи, како надоместок за контрола на квалитет на работењето само за друштвата за вршење на сметководствени работи во годината во која ќе бидат субјект на теренска контрола.
Законот се усогласува со Директива 2006/123/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот за од 12 декември 2006 година за услугите на внатрешниот пазар (Службен весник L 376, 27.12.2006 стр. 36-68).
